Обвинетите во судскиот процес за убиството на српскиот државјанин Дејан Новаковиќ, што се случи минатата година во Охрид, Митре Костоски и Илче Јоноски, денеска ќе бидат пуштени од притвор.

Тие треба да бидат ослободени по сила на закон затоа што измина една година од покренување на обвинението.

Во судскиот процес што се водеше пред Основниот суд во Прилеп, на првообвинетиот Митре Костоски му беше  изречена затворска казна во времетраење од 4 години, а на второобвинетиот Илче Јоноски исто така затворска казна во траење од 4 години и 6 месеци, но по жалба на адвокатите на одбраната Апелациониот суд во Битола ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење.

Покрај на Костоски и Јоноски, за учество во толпа која сторила кривично дело со смртни последици му се суди и на српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ, кој се уште е во бегство, а четвртообвинет во случајот Ѓоко Наумоски, кој се брани од слобода, се товари за помагање по извршено кривично дело.

Повторениот судски процес треба да почне на 30-ти ноември во Основниот суд во Прилеп, а обвинетите македонски државјани ќе се бранат од слобода.

OhridNews