Петмина обвинители од специјалното обвинителство идната недела ќе се состанат со нивните колеги од Советот на јавните обвинители и ќе ги образложат причините зошто СЈО се откажало од кривичен прогон на обвинетите во случајот „Пуч“. Ова било договорено на седницата на советот на јавни обвинители на која беше поканета и дојде специјалната обвинителка, Катица Јанева.

„Целиот предмет нас нѐ интересира, од кои причини се откажале од гонење на обвинетите пет лица од тој предмет“, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски.

По полчасовната средба Јанева не коментираше за деталите. Рече се што има ќе каже идната недела. СЈО минатиот месец го повлече обвинението бидејќи, како што појаснија, според нив фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите во истрагите за случаите „Таргет“ и „Тврдина“.

Во декември 2015-тата Јанева го презеде случајот „Пуч“, кој дотогаш беше во надлежност на Основното јавно обвинителство. За шпионажа и за вршење насилство врз највисоките државни органи беа обвинети шестмина, меѓу кои и лидерот на опозицијата Зоран Заев и поранешниот разузнувач Зоран Верушевски.

Пред стартот на главната расправа, обвинетиот Звонко Костовски призна вина и се спогоди со обвинителството, по што му беше изречена тригодишна затворска казна.

OhridNews
извор МРТ