По разрешувањето на Катица Јанева, денес, Советот на јавни обвинители го констатира и прекинувањето на мандатот на обвинителите од СЈО. Како што изјави по денешната седница претседателот на Советот, Ацо Колевски, досегашните обвинители на СЈО треба да се вратат во нивните матични јавни обвинителства.


„Обвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов и Артан Ајро треба да се вратат во Основното јавно обвинителство Скопје, Лиле Стефанова во Радовиш, Бурим Рустеми и Љубомир Лапе во ОЈО Куманово, Елизабета Јосифовска во ОЈО Кичево, Стевчо Донев во ОЈО Кочани“, изјави Колевски.

Во саботата, по едногласната одлука на Собранието, Советот ја разреши специјалната јавна обвинителка која е во притвор за случајот „Рекет“. Предметите на СЈО ги презеде Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.