Во писмен допис до јавноста Јавното обвинителство укажува дека не е време за напади на институциите и вели дека нема да дозволи дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.

  • Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото, велат од јавното обвинителство.

ЈОРСМ ја уверува јавноста дека за посочениот предмет, се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот. ЈОРСМ уште еднаш потенцира дека подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите.

Реагираше и Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски. Во писмената реакција се вели дека тој во своето обраќање на вчерашната прес-конференција по ниту еден основ не направил дискредитација на Јавното обвинителство, ниту пак постои намера за напаѓање на надлежните институции и мешање во кривичните постапки коишто се во тек.

  • Потенцираме дека Претседателот Пендаровски во своето обраќање изрази целосна поддршка за надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и истакна дека ќе стори се, за да ги заштити од евентуалните притисоци при спроведување на истрагата и целосно расветлување на случајот „Рекет“. Кабинетот на Претседателот Пендаровски уште еднаш укажува дека е потребно ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за случајот „Рекет“ почитувајќи го начелото на презумпција на невиност.  – се вели во реакцијата од Кабинетот на претседателот.

OhridNews