Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ во Охрид, каде се реализираат формални програми и програми за доквалификација и преквалификација во областа на угостителството и туризмот и се образуваат идни готвачи, келнери, туристички работници и други профили од секторот, доби современа опрема за унапредување на практичната настава.

Инвестицијата е реализирана во рамки на Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП.

Станува збор за вложување од 250.000 евра преку истата програма, со која дополнително се зајакнуваат капацитетите на центарот, кој претходно беше целосно реновиран благодарение на Владата во соработка со Европската Унија, во вредност од 1.750.000 евра.

На овој начин, преку партнерства се унапредува квалитетот на образованието, се подобрува подготвеноста на учениците за реалните потреби на пазарот на трудот и се создаваат поконкурентни и поуспешни млади луѓе во иднина, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска, посочувајќи дека ваквите инвестиции се директна поддршка за развој на стручното образование и негово усогласување со потребите на економијата.

Со новата опрема, учениците ќе имаат можност практичната настава да ја следат во услови кои се еднакви на реалните работни процеси во туристичко-угостителскиот сектор, што овозможува поквалитетна подготовка, развој на професионални компетенции и полесна интеграција на пазарот на труд.

Националната развојна стратегија 2024–2044 го препознава развојот на вештините како една од најважните инвестиции за иднината на државата. Конкурентна економија, повисока продуктивност и подобар животен стандард не можат да се постигнат без современо и квалитетно стручно образование кое одговара на потребите на пазарот на трудот. Затоа, преку Програмата за поддршка на имплементацијата на Националната развојна стратегија, инвестираме во системски решенија што ги поврзуваат образованието, институциите и приватниот сектор. Поддршката на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ во Охрид е конкретен пример како стратешките приоритети од НРС се претвораат во реални инвестиции, посочува Игор Јанушев, генерален секретар на Владата.

Од УНДП нагласуваат дека преку поддршката на овој проект ја продолжуваат соработката со Министерството за образование и наука и владиниот Генерален секретаријат, насочена кон модернизација на стручното образование.

Со опремувањето на Регионалниот центар ја приближуваме обуката до реалните потреби на приватниот сектор во туристичката индустрија. Ова ја одразува пошироката посветеност на УНДП кон реформите во образованието, вклучително и нашата поддршка за Стратегија за образование 2026–2032 година – визија обликувана од гласот на речиси 5.000 граѓани. Нашиот фокус останува на квалитетот, инклузивноста и подготовката на учениците за зелената и дигиталната транзиција, потенцира Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во земјава.

OhridNews