Милионите евра – грчко мито за Телеком ќе ги расчепка и македонско обвинителство. Десет дена откако јавно судот во Њујорк ја објави изјавата на Богоевски во која тој обвинува за мито поврзано со случајот Телеком и актуелни и за поранешни функционери, реагираше овдешното обвинителство и вчера бил отворен предмет, објави телевизија „Телма“.

Од прес службата на обвинителството за телeвизијата потврдија дека: „во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе е отворен предмет по допрен глас, по кој надлежното обвинителство ќе превзема натамошни активности.“

Според информациите предметот е веќе доделен на надлежен обвинител. Таа првин ќе чека Богоевски кој е на одмор од издржување на затворската казна да се врати во ќелија во кумановскиот затвор, па потоа ќе го повика да каже што знае и пред македоснките истражни органи.

Истовремено обвинителството преку меѓународна правна помош од судот во Њујорк ќе го побара и неговото сведочење за тој суд, но и други информации за случајот.

А функционерите за кои Богоевски во изјавата тврди дека земале мито од грчкиот бизнисмен Кондоминас- обвинителката ќе ги повика дури после разговорот со Богоевски и добивањето документи од Њујорк.

Во изјавата Богоевски тврди дека за да се спречи либерализација на телекомуникацискиот пазар во Македонија, во 2005-та Кондоминас им исплатил по 2 и пол милиони евра на тогашниот премиер Владо Бучковски, тогашниот и актуелен вице премиер Муса Џафери и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Сите инволвирани ги нарекоа тврдењата измислици и клевети смислени од Богоевски.

OhridNews

Извор: „Телма“