Основното јавно обвинителство Скопје по разгледување на доказниот материјал, утврдило дека постои содејство на неколку осомничени во целокупните збиднувања во објектот на Собранието во надворешниот појас и во внатрешноста на објектот во целина. Како што и е познато на јавноста, на снимки од безбедносните камери кои ги објавија медиумите, се гледаат најмалку седум пратеници во холот на собранието пред влегувањето на толпата, Меѓу нив и двајца од Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

„Станува збор за сплет на инкриминирани дејствија кои што значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се припишат само како деликт на масата, ниту пак на од таму произлезени конкретни кривични дела на сторители. Основното јавно обвинителство Скопје од  досега прибавениот доказен материјал оцени дека во кривично правниот настан кој го истражуваше, потребно е во оваа фаза, согласно законските прописи, да се вклучи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи дел од преземените дејствија од страна на лица инволвирани во настанот се во месна и стварна надлежност на ова обвинителство. Од тие причини списите на предметот се доставени до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое го презема натамошното постапување.“- соопшти Јавното обвинителство. 

Основното јавно обвинителство Скопје најави дека продолжува да постапува по однос на лица инволвирани во настанот, а чии што дејствија претставуваат извршување на кривично дело за кое е надлежно ова обвинителство.