За 100 дена мандат на градоначалникот Јован Стојаноски и Локалната власт на СДС видовме неспособност, хаос, лаги и понижување. За само 100 дена, граѓаните на Охрид сфатија дека она што СДС им го ветуваше пред изборите, е спротивно од она што СДС го прави после изборите. Каде е градоначалникот? Дали направи нешто во интерес на охриѓани?, праша претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков, на денешната прес конференција одржана по повод 100-те дена мандат на градоначалникот Јован Стојаноски.

– Ништо не направи, општинските служби ги остави ништо да не работат, имаме само една недовршена патека во дворот на Општината. Имаше средба со лице за кое ја излажа јавноста дека е Шеик, а без ниту една дипломатска средба. Политичките и  непринципиелни одлуки и овој пат не го заобиколија Охрид. Нема ништо од големите ветувања на Јован Стојаноски, рече Пецаков. Тој додаде дека единствено се сака со омаловажување и непризнавање на постигнатите резултати од претходната локална власт, да се најде алиби за сопствената немоќ и неспособност да се оствари тоа што беше ветено од оваа локална власт.

Пецаков обвини за зголемување на трошоците за живот, за поскапување на водата, се уште неисплатеното обесштетувањето за штетите од земјотресите.

– Незаконската промена и тортура на директорите од претходната власт на образовни институции, јавни претпријатија и раководни места во државните институции, а назначување на кадри врз принципот на непотизам и партиска припадност. Бркање од работа од училишта, градинки и полиција и вработување партиски послушници на сметка на избрканите стручни и компететни сограѓани, назначување на членови на Управни и Надзорни одбори спротивно на Законот, цвета бизнисот на урбаната мафија која експресно воскресна, серија скандали во ЈП „Градски Гробишта“, уништување на здравството и поигрување со животот на граѓаните, ги наведе Пецаков низата обвинувања кон локалната самоуправа и градоначалникот. Во освртот кон изминатите 100 дена на новата локална власт, Пецаков рече дека градоначалникот ги препишал сите програми од претходниот градоначалник кои ги критикувал, меѓу кои и урбаната опрема, а за која на угостителите им ветувал дека ќе ја измени, и ќе ги ослободи од истите давачки.

Градоначалникот Јован Стојаноски прес конференцијата на општинската ВМРО ДПМНЕ ја коментираше како вид на политички бон тон.

– За утре е предвидено да дадам отчет-кратка информација за се она кое јас како градоначалник и општинската администрација и советот го сработивме во изминатите 100 дена. Стотиот ден беше во сабота и веднаш да се прозива, според мене не е коректно, но не се лутиме, изјави Стојаноски.

Потенцира дека ќе продолжат активностите за реализирање на ветената и предвидена програма.

OhridNews