Голем дел од фрефентните улици низ градот веќе подолг временски период им задаваат главоболка на охридските возачи. Од ударните дупки, но и од несоодветно поставени шахти, најчесто страдаат автомобилите на граѓаните. Истите преставуваат и опасност по безбедноста во сообраќајот, со оглед на тоа што возачите се обидуваат да ги одбегнат.
пресек на улицата „Гоце Делчев“ на излез од градот
За очајната патна инфраструктура говорат улиците „Питу Гули“, „7-ми Ноември“ во близина на автобуската станица, „Прва Македонска Ударна Бригада“ према населбата Видобишта“, „Димитар Влахов“ во централното градско подрачје, делови од булеварот „Туристичка“ и пресекот на излезот од градот со улицата „Гоце Делчев“.
„Патиштата се крвоток на секој град. Оттука мора да се преземат мерки и да се санираат оштетувањата. Кога врне, дупките се полни со вода, не се приметуваат. Или ги гаѓаш, пука некој амортизер, или прскаш случаен минувач.“ – велат револтирано охриѓани.
централно подрачје улица „Димитар Влахов“
Крпењето на улиците – привремено решение?
Со допис до OhridNews, граѓаните реагираат дека крпењето на улиците треба да е привремено, но не и долгорочно решение на овој децениски проблем.
„Пред почеток на туристичката сезона се крпат улиците, кои навистина преку целата година се во катастрофална сосотојба. Но ете повторно, оние кои лани ги закрпија, оваа година повторно имаат оштетвувања. По примерот на „Јане Сандански“ и „Сирма Војвода“, мислам дека е редно барем фрекфентните сообраќајници во најмала рака, да добијат нов асфалт.“ – реагираат наши сограѓани, кои инсистираа на анонимност.
„Прва Македонска Ударна Бригада“ и „Питу Гули“
Длабоки шахти по улиците
Реакции има за несоодветно поставените шахти и одводи за атмосферска канализација, кои според охридските возачи на некоеи места се десетина сантиметри под нивото на асфалтот.
„Кога се поставува нов асфалт не се води голема грижа за шахтите. Пример е улицата во близина на угостителско, каде со години возачите упорно се обидуваат да ја избегнат шахтата која е десетина сантиметри под нивото на асфалтот.“ – стои во дописот од граѓаните.
„7-ми Ноември“
„Повеќе дупки, повеќе работа за автомеханичарите“
Автомеханичарите од градот, потврдуваат дека побарувачката на амортизери и делови поврзани со предницата од автомобилите е прилично голема, а загрижува фактот што се почести муштери стануваат и сопствениците на нови моторни возила.
„Амортизери, јабучици, вилушки, комплетна предница. Тоа се најчесто проблеми со кои се соочуваат граѓани без исклучок. Цените се различни зависно моделот на автомобилот, но скапи по џебот на граѓанинот. Колку повеќе дупки, толку повеќе работа за нас.“ – велат од охридските авто-сервиси.
Временските услови ја одложија акцијата за санирање на дупките
Како што информираат од локалната самоуправа, акцијата за пополнување на ударните дупки била предвидена да започне во текот на вчерашниот ден, но истата е одложена поради дождот.
„Штом се подобри времето, значи деновиве, веднаш ќе започнеме со оваа активност. Најпрво ќе се пополнуваат ударни дупки на улиците во централното градско подрачје, а потоа и секаде каде што ги има, односно каде што е тоа потребно.“ – велат од локалната самоуправа.
зад Основниот суд Охрид
Нов асфалт за улицата зад Основниот суд во Охрид
Во изминативе неколку месеци со допис до OhridNews, за очајната патна инфраструктура се огласија граѓаните кои живеат во строгиот центар на булеварот „Македонски просветители“ веднаш зад Основниот суд Охрид. Од локалната самоуправа информираат дека наскоро оваа улица ќе добие нов асфалт.
„Периодов се работи на асфалтирање на улица во село Пештани. Наредниов период ќе се асфалтираат улици во село Лескоец, во Урбана Заедница „15-ти Корпус“, а нов асфалт ќе добие и улицата која се наоѓа зад Основниот суд во Охрид.“ – информираат од локалната самоуправа.
O.T.