Адвокатската маркичка е инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход за оние приходи кои адвокатите ги остваруваат во готово во случаите кога наградата за дадената правна помош гласи на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите објавена во „Службен весник на РМ“.
При плаќање на наградата над минималните износи утврдени со тарифата, зголемување на наградата како и при плаќање на трошоците согласно со тарифата, адвокатите се должни да состават писмен договор со корисникот на правната помош врз основа на кој плаќањето е задолжително да се врши преку носител на платен промет. Адвокатот е должен писмениот договор да го приложи како прилог кон секоја исправа или поднесок на кој не е ставена адвокатска маркичка, доколку плаќањето на наградата е над минималните износи предвидени со тарифата, односно каде што плаќањето се врши преку носител на платен промет. Исправата или поднесокот составен од адвокат кој не содржи адвокатска маркичка, содржи адвокатска маркичка во помал износ од оној што е определен со тарифата или не содржи писмен договор во прилог, се сметаат за неуредни и треба да бидат отфрлени од страна на примателот.
Неупотребените адвокатски маркички адвокатот може да ги искористи во наредните даночни периоди, објаснуваат од УЈП .
Со денот на започнување на примената на Законот за адвокатски маркички, за адвокатите запишани во именикот на адвокатите што се води во Адвокатската комора на Р. Македонија, престанува обврската од Законот за регистрирање на готовинските плаќања, за воведување и користење на одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително издавање на фискална сметка за дадената правна помош.
За постапување спротивно на одредбите од Законот за адвокатски маркички предвидени се глоби во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противредност.