Дојче веле на 31-ви декември ќе го емитува својот последен Утрински магазин, со што завршува ерата на радио-програмата на македонски јазик, а сите содржини ќе се емитуваат преку интернет.

– Радиото 43 години беше столб на програмската понуда, белег на Дојче веле и до средината на 90-тите години на минатиот век негов единствен медиум на македонски јазик. Но, новото време, развојот на нови форми на масовна комуникација што ги овозможи интернетот, создаде нова ситуација во светот на медиумите, на што се прилагоди и ДВ. Актуелната стратегија на ДВ за медиумско присуство во поразвиениот дел на светот се потпира врз настап преку интернет и со видео содржини. Тоа значи дека во иднина комплементарната понуда на Македонската редакција на ДВ во основа ќе се состои од информации пласирани преку интернет и од разни форми на видео содржини, велат од македонската редакција на Дојче Веле.

Оттаму додаваат дека престанувањето на емитувањето на Утринскиот магазин не значи и целосен раскин со радиото. ДВ во новата 2013 година веќе нема да емитува сопствена радио-програма, но обострана желба е да се продолжи повеќедецениската соработка со Македонското радио.

– Предвидуваме, во договор со партнерот и соодветно на неговите програмски потреби или диктирано и од актуелните настани, да се јавуваме во различни програмски сегменти на Македонското радио, за да пренесеме информации за случувањата во Германија и Европа, овдешни гледишта и коментари за настаните или занимливости од секојдневието“, велат од Дојче Веле.

OhridNews
Makfaks