Македонските граѓани од 1 мај може да очекуваат намалување на малопродажните цени на пазарот на електронски комуникации, најавуваат од Агенцијата за електронски комуникации(АЕК), од каде додаваат дека според новите европски модели за пресметка, направено е значително намалување на цените на големопродажните услуги на Македонски Телеком, што според АЕК, ќе отвори можност за влез на нови оператори на пазарот за електронски комуникации во Македонија.

„Задоволство ни е да ја информираме јавноста дека се изврши значително намалување за околу 25% на големопродажните цени за завршување на повик во фиксна телефонија што сметаме дека ќе направи притисок за намалување на малопродажните цени, а со тоа и намалување на трошокот од месечниот буџет што го издвојуваат нашите корисници на фиксни електронски комуникациски услуги. Големопродажната цена за пристап до фиксна мрежа (разврзана локална јамка) се намали од досегашните 331 денари на 210 денари што е намалување скоро за 37% со што претставуваме земја со најниска цена во Европа“, информираат од АЕК.

Исто така АЕК направи и намалување на широкопојасните големопродажни услуги (битстрим) на Мекедонски Телеком што во просек за палетата на услуги изнесува 27%, со што се очекува поконкурентни понуди за крајните корисници за широкопојасен интернет.

OhridNews
извор: Makfaks