Министерството за труд и социјална политика испрати допис до јавните установи за деца/детските градинки, со кој се информираат за потребата од двосменско работење и тоа од 07:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 08:00 до 16:00 часот, а одлуката ќе отпочне да се применува од 1 септември 2017 година.
Јавните установи за деца кои во својот состав имаат повеќе објекти и групи во други просторни услови, двосменското работење и првата работна сабота во месецот може да го организираат во еден или повеќе објекти, согласно потребата на децата и родителите. За да се направат реални проценки, до градинките е доставен и анкетен лист за секој родител, со кој ќе се утврди потребата од воспоставување на двосменско работење и прва работна сабота во месецот, информираат од надлежното министерство.
Досега шест градинки веќе ја потврдиле потребата од воведување втора смена и тоа е одобрено од страна на Министерството. Станува збор за 6 детски градинки и тоа во: Гевгелија, Кочани, Радовиш, Охрид, Тетово и Прилеп. Во изминатите децении, двосменски работеле само четири градинки на територијата на цела држава.
По добивањето на резултатите од извршената анкета за потребата од воспоставување на двосменско работење ќе се утврди точниот број на установи кои ќе работат во две смени. – Тоа секако ќе предизвика и потреба од вработување дополнителен кадар во овие установи за деца, кои и без оваа промена се недоволно екипирани, велат од министерството.
OhridNews












