Владата на синоќешната седница ги потврди соопштените мерки од Министерството за здравство коишто се однесуваат на упатства до граѓаните и фирмите за дејствување и работа со оглед на високите временски температури и поради УХМР прогласи портокалова фаза во Македонија и донесе соодветни одлуки за постапување.
Според препораките од Министетството за здравство ослободени се од работните обврски најранливите групи на населението, како што се – бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години. Препорачано е установите за згрижување на децата, градинките, да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници. И со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Владата вечерва одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи, да ги почитуваат препораките, а препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од 3 дена, до понатамошно одлучување. Владата и надлежните органи будно ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, врз населението во Република Македонија. Исто така, работното време градинките треба да го организираат во периодот од 7 до 17 часот. Градинките не треба да практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено после 11 часот. Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници.
OhridNews