Министерството за здравство интензивно работи за стартот на новоформираниот повикувачки центар ,дел од проектот „Телефонска линија за медицински совети – Ало Докторе!”, што треба да профункционира на 15 септември. По завршување на огласот,  со сите кандидати е направено интервју за да бидат запознаени со начинот на работа. Се прават и распоредите на лекарите кои ќе бидат 24 часа достапни за граѓаните. Ќе работат во 3 смени. Меѓу пријавените има педијатри, интернисти, епидемиолози, физиотерапевти. Работата во повикувачкиот центар за докторите кои се во работен однос, ќе се одвива вон работното време.

Целта на центарот ќе биде обезбедување советодавни здравствени услуги, односно консултации и упатства за граѓаните при појава на сипмтоми за кои не е неопходен итен медицински третман (главоболка, настинка, покачена телесна температура).

Телефонската линија ќе биде достапна 7 дена во неделата, по 24 часа, со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на било какви симптоми на нарушување на здравјето. Воедно, докторите ќе даваат медицински консултации и совети за правилна употреба на лековите, со акцент на лековите од ОТЦ-листата кои се достапни во продажба во супермаркетите и бензинските станици.

Докторите во повикувачкиот центар од „Ало Докторе“, ќе бидат поврзани и со националниот електронски систем „МојТермин“ и ќе можат да му помогнат на пациентот со известување за следните чекори во однос на извршената телефонска консултација.

Согласно критериумите од огласот, пријавените  треба да имаат најмалку 10-годишно работно искуство како доктори-специјалисти, а можноста за пријавување беше отворена за сите доктори вработени во јавни или приватни здравствени установи, како и невработени или пензионирани доктори.

OhridNews