Еурофарм Пелистер го совлада ГРК Охрид 27:24 во дерби натпреварот од 12 коло од ракометната Супер лига и го презеде второто место на табелата. „Гладијаторите“ имаат за што да жалат затоа што беа рамноправен противник во текот на целиот меч, но четата на Борис Ројевиќ не го издржа завршниот притисок и во финишот на натпреварот остана со празни раце, а можеше да биде и поинаку. Но…

Натпреварот кој се одигра во одлична атмосфера со присуство на навивачи на двата тима, донесе цврст натпревар во кој одбраните го диктираа ритамот.

Охрид имаше поддршка во Битола од 250 навивачи

Се играше гол за гол, посед за посед. Охрид во првото полувреме го запре Е. Пелистер на само 11 гола, а на одмор гостите заминаа со +1 откако Мате реализираше пенал по опструкцијата на Пешевски кој во последните секунди на недозволен начин го спречи голманот Славиќ да упати удар кон домашниот гол.

Охрид подобро го отвори второто полувреме. Битолчани немаа решение за одбраната на охриѓани кои во 40-та минута стигнаа со највисокото водство 14:17.

Но, тогаш се случи еден од клучните моменти кои директно влијаеја на исходот од мечот. Јапонскиот интернационалец Јошида кој во почетните 6 минути заработи две исклучувања, по трет пат беше исклучен од игра и заработи црвен картон, на што жестоко реагираше клупата на Охрид што резултираше со уште едно исклучување. Пелистер искусно ја искористи бројчаната предност и го израмни резултатот 17:17.

Од тој момент се играше гол за гол, а Охрид на крилата на извонредниот Зечевиќ постојано беше во минимално водство се до 53 минута.

Пелистер најпрвин израмни на 21:21, а потоа и го презеде водството. Охрид се враќаше во игра. Но, следеа нови исклучувања кои целосно ги исфрлија гостите од ритам, а потоа Стрмљан промаши два зицера, односно одлично беше прочитан од  Хеидарирад кој со неколку одлични интервенции во финишот на мечот придонесе за победата на Еурофарм Пелистер.

Охрид на овој натпревар беше со мал голмански придонес, иако и голманите на Пелистер не блескаа. Славиќ мечот го заврши со 6 одбрани, а Блажески имаше 1, на другата страна Митрески и  Хеидарирад (6) имаа 8 одбрани. Најефикасни беа Кузмановскикај Пелистер и Мате кај Охрид со по 11 гола, Зечевиќ имаше блескава партија со 6 гола од исто толку обиди.

Статистика ГРК Охрид: Стрмљан 1, Ојлески, Јагуриновски 1, Јошида 1, Иванковиќ, Карапалевски, Тасески, Савревски, Мате 11, Лиапис 3, Зечевиќ 6, Ивановски, Ѓукиќ 1, Ќосевски.

Голмани: Славиќ 6 одбрани, Блажески 1 одбрана.

По 12 кола на табелата води Вардар со 22 бода, втор е Е. Пелистер со 20, преде Алкалоид со 19 и Охрид кој има ист број бодови на четвртата позиција.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска