Австралиско-македонскиот комичар, автор на содржини и водител на подкаст емисија – My Cousin Vlad роден како Саш Мишевски, на 23 септември пристигнува во Охрид со своето актуелно шоу „Total Spin Out“, како дел од неговата прва европска турнеја.

Познат по својот препознатлив хумор заснован на “набљудување на секојдневието”, Влад преку комедијата ги обработува етничките стереотипи, семејните односи, културните разлики и хаосот на современиот живот – теми во кои публиката лесно се препознава.

Пред да стане познат како комичар, Влад работел како агент за недвижности во Сиднеј. Неговата комичарска кариера започнува со кратки, едноминутни скечеви што ги снимал во својот автомобил. Токму тие видеа му носат голема популарност на социјалните мрежи, а неговиот препознатлив лик – „Immaculagent“, секогаш во костум – станува заштитен знак на неговиот хумор.

Денес My Cousin Vlad е препознатлив по своите настапи во живо, кратките комични видеа и неделниот подкаст „Dis Dat with My Cousin Vlad“, во кој разговара со гости, споделува лични приказни и без многу филтер ги коментира апсурдите на секојдневниот живот.

Во текот на својата кариера, Влад соработувал со познати имиња од австралиската и меѓународната сцена, меѓу кои и комичарското трио Sooshi Mango, како и познатиот борец во мешани боречки вештини Александар Волкановски.

Со „Total Spin Out“, Влад за првпат тргнува на европска турнеја, а меѓу неговите регионални настапи се и Охрид на 23 септември и Скопје на 24 септември.

Охридската публика ќе има можност да го види во живо комичарот кој преку својот австралиско-македонски поглед ги спојува културните разлики, семејниот хаос и секојдневните апсурди во едно искрено и урнебесно комичарско шоу.

Шоуто е во организација на Druga Strana Events, а билетите се достапни на веб страната tix.mk.

OhridNews