Од „ТАВ Македонија“ најавуваат дека од април , покрај Цирих и Базел, од скопскиот аеродром ќе биде воспоставена уште една директна линија кон Швајцарија, до Женева.
-Ја поздравуваме одлуката на Swiss Airlines од април повторно да лета од Женева за Скопје. Ова е добра вест за нашите ценети патници, нашите иселеници во Швајцарија, како и за бизнис-заедницата во двете држави. Со ова се зголемува и туристичката размена – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Според летниот распоред на скопскиот аеродром, првиот лет од Скопје до Женева е планиран за четврти април 2015 година. Авиокомпанијата Swiss ќе оперира на оваа авиолинија од „ Александар Велики“ секоја сабота од 18 часот и 20 минути. Во текот на летната сезона, Swiss ќе ја опслужува оваа релација двапати неделно, во вторник и во сабота.
– Задоволни сме што можеме позитивно да одговориме на растечката потреба за патувања меѓу Македонија и Швајцарија и да лансираме нова услуга од скопскиот аеродром „Александар Велики“ до Женева – истакна Бернард Водл, директор на Swiss за Австрија и за централна и источна Европа.
„ТАВ Македонија“ за следната година има во план воведување уште нови дестинации, зголемување на фрекфенцијата на постоечките рути, како и подобрување на вкупните услуги кои се нудат на двата аеродроми.
Во однос на новата линија до Женева, како што изјавија од Swiss , авионските билети ќе можат да се резервираат од средината на јануари следната година, на нивната веб-страница сњисс.цом, како и преку туристичките агенции.
OhridNews