Од денеска најранливите категории граѓани на Република Македонија ќе можат да ги доставуваат барањата за еднократен отпис на долгови до Центрите за социјална работа.
Врз основа на јавниот повик кој го објави Министерството за финансии ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.
-Се очекува овој повик значително да им помоогне на најранливите категории на граѓани кои поради влошените финансиски услови и последиците од долготрајната европска и светска криза не можеле да ги платат обврските навреме. На ваков начин се реализира едно од најзначајните ветувања и најзначајните проекти во програмата на Владата за периодот 2014/2018 година кон граѓаните односно кон најранливите категории, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, на прес конференцијата во саботата.
Тој појасни дека со оваа мерка се отпишуваат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.
– Во проектот се вклучија буквално сите банки во РМ, ЕВН, ЕЛЕМ, Топлифиакција, МРТВ две штедилници, Нотарската комора и Комората на извршители. Имавме широк одѕив на субјекти кои имаат побарувања од граѓаните и сакаат да се вклучат во овој проект. Со сите нив во текот на следната недела ќе има постапка потпишување на договорите. Во меѓувреме Министерството за финаснии во соработка со МТСП на 14 август организираше еднодневна обука за вработените во Центрите за социјална работа на кои им беше објаснето како треба да тече постапката и како треба да им пружат помош на граѓаните за поднесувањето на барањата да тече во најдобар ред. Формирана е и комисија која ќе постапува по барањата. Донесени се потребните подзаконски акти така што создадени се сите услови за почеток и успешна реализација на проектот, појасни Ставрески.
Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку ќе се пријават. Со мерката заедно со главниот долг предвидено е да се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари и извршители.
OhridNews