Можното укинување на визната либерализација за граѓаните на Република Македонија и другите земји од Западен Балкан што уживаат во безвизното патување кон земјите-членки на Европската унија, нема да се случи така лесно и во случај една или неколку ЕУ-земји да поднесат барање за активирање на механизмот „заштитна клаузула“.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, по изгласувањето на овој механизам од страна на Европскиот парламент и одобрувањето од Европскиот совет минатата година, „заштитната клаузула“ од денес и официјално стапува на сила. Со нејзиното активирање, Македонија земја и останатите од регионот може повторно да добијат визи за период од шест месеци до една година, ако се утврди дека голем број лажни баратели на азил од овие земји пристигнале во некоја од членките на Унијата.

Но, според експертите од официјален Брисел, целиот тој процес би бил тежок за покренување и негово целосно стапување на сила ако се знае дека не само Европската комисија, туку и Советот на ЕУ и Европарламентот би требало да дадат одобрување за една земја да ја загуби визната либерализација што може да биде долг и неостварлив процес.

Според Микеле Черконе, портпарол на еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малстром, досега нема нови жалби од некои од земјите-членки на ЕУ во однос на лажни баратели на азил од некоја од земјите од Западен Балкан.

„Нема нешто ново и нов развој последниов месец. Состојбата е активна и грижите на некои од земјите-членки продолжуваат во однос на трендот кој не паѓа“, истакнал Черконе во изјава за МИА.

OhridNews

„МИА“