Од денес  низ охридските улици, периферијата и охридското крајбрежје заедно со  полициските службеници од СВР Охрид ќе патролираат и по двајца полициски службеници од Србија.

Како што информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, заедничките патроли се во рамки на договорот за полициска соработка помеѓу македонското и српското министерство за внатрешни работи, постигнат во 2011 година.

Целта на соработката е размена на информации и зголемување на безбедноста на српските гости, но и останатите туристи кои престојуваат во Охрид.

–    Активностите на колегите од Белград и Ниш имаат исклучително превентивен карактер и тие со себе нема да носат службено оружје и опрема и ќе работаат под законската легислатива во РМ. Пред  да почнат со извршување на активностиите на терен, српските полициски службеници беа во целост запознаени со законот за полиција и законот за внатрешни работи на република Македонија, изјави Димоски .

Во мешаните патроли ќе учествуваат по двајца српски полициски службеници во две смени.

–     Веќе остваривме контакти со граѓаните на Охрид и со наши туристи кои дојдоа во посета на знаменитостите во градот. Луѓето реагираат пријатно кога ќе не сретнат. Ја препознаваат нашата униформа, застануваат, прашуваат зошто сме овде, а ние им кажуваме дека делуваме во рамките на меѓународната соработка помеѓу Република Македонија и Република Србија, вели полицискиот службеник Драган Луќиќ.

Полициските службеници од Охрид и Србија заедно ќе патролираат до 15 септември.

OhridNews