По поевтинувањето на горивата, се очекува од денеска да има корекции и на цените на основните прехранбени производи согласно владините антикризни мерки и законските измени за висината на акцизите и стапката на ДДВ што во петокот добија зелено светло во Собранието.

Треба да се усогласат цените на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата. За нив стапката на ДДВ е намалена од 5 на 0 проценти и оваа мерка ќе трае до крајот на мај. Паралелно со ова, замрзнати се маржите за некои производи, и укинати царинските давачки за увозот на основните прехранбени продукти.

Од Владата и надлежните институции задолжени за спроведување на мерките апелираат трговците соодветно да ги применат решенијата од законот, односно да направат подесување на своите фискални апарати. Велат дека донесените законските измени, предвидуваат механизми кои Владата ќе може да ги користи и во иднина доколку има потреба да се избегнат какви било шпекулации и ценовни шокови на граѓаните и стопанството.

OhridNews