Со досегашните активности од третата фаза од акцијата за чистење на Охридското езеро, извадени се над 300 парчиња неексплодирани убојни средства.

По претходно извршеното обележување и детекција на дното, од вчера започна вадењето на пронајдените НУС на двете локации каде се реализираат активностите- кај градското пристаниште и Пештани.


Меѓу пронајдените парчиња неексплодирани убојни средства има и рачни бомби, авионски бомби од помал калибар, противпешадиски распрснувачки мини, артилериски гранати.Се што е досега пронајдено веднаш ќе се уништува, вели Сашо Матлиоски, советник во Дирекцијата за заштита и спасување. 

Активностите продолжуваат на истите локации со цел да се извадат сите убојни средства кои со децении се криеле во дното на езерото, на  длабочина од 30 сантиметри до метар и половина.


Во претходно спроведените две фази од акциите за чистење на дното на езерото беа извадени над 16 тони бомби, мини и гранати, кои датираат од првата светска војна и балканските војни, но одредени примероци се од втората светска војна.

Активностите е предвидено да траат до крајот на месец март.

Акцијата се спроведува од страна на екипите за подводно деминирање на Дирекцијата за заштита и спасување, а со финансиска поддршка на американската Влада и Меѓународната фондација за заштита од мини „ИТФ“ од Словенија.

OhridNews