Македонската ракометна репрезентација мундијалскиот сон го заврши во 1/8 финалето по поразот од Германија 28-23. Од цврстината во одбраната и убоитоста во нападот која ја красеше селекцијата на Македонија на Европското првенство во Србија на планетарниот собир во Шпанија немаше ни трага ни глас.


Одбраната потфрли на сите натпревари, просекот на примени голови на еден натпревар беше над 29 голови, што е премногу. Со измените кои ги праваше селекторот Ѕвонко Шундовски им овозможуваше лесни голови на противниците. Единствена светла точка во македонскиот состав на Светското првенсво во Шпанија беше голманскиот тандем Борко Ристовски и Никола Митрески кој во неколку наврати со клучни интервенции ја оставаа Македонија во живот.


Најслабата алка во македонскиот состав беше нападот. Играта на Македонија беше прочитана, капитенот на селекцијата Кирил Лазаров си го достигнуваше просекот, но немаше никаква поддршка од другите репрезентативци. За издвојување е напредокот на Филип Лазаров и констатноста на Стојанче Стоилов, но и тие неможеа да му го олеснат товарот на капитенот.


Стружанецот во дресот на Металург, Наумче Мојсоски на мундијалот ги одигра најслабите натпревари во националниот дрес. На шест мечеви Мојсоски загуби 22 топки, во просек 3,7 и кога ќе се додадат и 15-те грешки на Кирил Лазаров и 14-те на Дејан Манасков, Македонија на еден натпревар грешела по десет пат минимум.  Со повеќе грешки од македонската селекција е репрезентацијата на Австралија, која беше топовско месо за сите противници во групата Д.


Ваквата статистика е поразителна за една селекција која пред една година со перфектна игра стигна до петтото место на Европското првенство, а со малку среќа можеше да биде поинаку.

Мх.П.