Најавените хуманитарни активности од јавното претпријатие „Билјанини извори“ продолжуваат. Овој пат донација во вредност од 60.000 денари за најмладите охриѓанчиња. Донацијата, што се состои од телевизор, ДВД, печатач, теписони, детска литература–книги, сликовници, боенки, едукативни и гумени играчки, реквизити за спорт, денес, од страна на директорката на јавното претпријатие, Гордана Јованоска, беше предадена во градинката „Билјана“.

  • Донацијата е насловена „Од граѓаните за најмалите и најмилите“. Нашиот најголем прилив на средства е од стопанисувањето со паркинзите. Одлучивме, од оваа година, колку што можеме, континуирано да издвојуваме средства со кои ќе им помогнеме на  одредени групи на граѓани. Оваа градинка е во близина на нашето седиште, затоа и ја избравме, се консултиравме со вработените што им е потребно и така ја составивме донацијата. Во рамки на можностите, продолжуваме да помагаме секаде каде што има потреба, изјави директорката на ЈП Билјанини извори, Гордана Јованоска.

Директорката на градинката, Мери Рилкова, изрази голема благодарност за донацијата, потенцирајќи дека ваквата помош секогаш е добредојдена, со оглед на тоа дека во рамки на установата се згрижени околу 1000 деца.

Со оваа донација се придонесува кон креирање на стимулативна средина за нашите деца. Ова нека биде поттик и за останатите, во рамки на можностите, да донираат за градинките каде има потреба од столчиња, маси, кревети, играчки, вели Рилкова.

Како што потенцира вд градоначалникот, Константин Георгиески, ваквите донации се еден позитивен „ветар во грб“ за образованието и детската заштита во градот.

  • Треба да се погрижиме да ги има што повеќе во нашиот град. Свесни сме за состојбата на градинките и училиштата, има доста објекти каде е потребна интервенција и поради тоа во буџетот за 2019 се планирани најмногу средства за образованието, околу 60 милиони денари. Од нив 23 милиони денари се планирани за изградба на нова градинка, што е во фаза на изработка на проект и прибирање на потребната документација. Се надеваме дека до летото 2019 ќе се пристапи кон негова реализација, рече градоначалникот Георгиески.

Георгиески најави дека во наредниот период ќе се реализираат низа проекти за подобрување на условите за работа во градинките и училиштата. Меѓу нив се реконструкцијата на азбестниот кров на училиштето „Христо Узунов“, „Братство и единство“- Лескајца, „Св. Наум Охридски“ во Пештани, а во завршна фаза е и изготвувањето на проектната документација за новото училиште „Братство единство“. Ќе се менуваат и покривите во градинките „Росица“, „Лихнида“, ќе се обновува електричната инсталација во објектот Развигорче и во централниот објект.

Т.К.