Тоталниот хаос со двете паралелни пливачки федерации, кулуминираше во Охрид на големиот празник Илинден. Водите на Охридското Езеро ни криви ни должни беа сведоци на два „мали маратони“, кои послужија за расчистување на стари сметки, покажување на силата или подигнати ега, од кои целокупниот спорт во Охрид пати со години.

Претпладне, маратонот долг 2.5 километри од Хотел Парк до градското пристаниште во 10 часот и 30 минути го организираше Пливачкиот клуб Охридски бранови, продолжувајќи ја како што велат оттаму и традицијата почната далечната 1954 година. Гостин на манифестацијата беше Дарко Нашков, еден од двата претседатали на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ)

Попладне, маратон со иста должина од Хотел Горица до Хотел Ројал организираше (ПФМ) на чело со Александар Маленко, кој пак не беше најавен медиумски ниту со пресконференција или барем соопштение.

И на двата маратони заедно немаше повеќе од 100 учесници, а за организацијата не вреди да се зборува и пишува. Мерењето на силата, расчистувањето на старите сметки и судирот на егата им преседна на учесниците, а намерите на организаторите, какви и да им биле, паднаа во вода и на двете страни.

На крајот од денот најдебелиот крај го извлекоа пливачите и родителите, кои рака на срце, во овој хаос незнаат кој крај да го фатат и на која страна да тргнат. А најголем губитник е Охрид, кој место да биде центар на пливањето стана мегдан за неспортски работи.

Затоа, како град и држава од овој спортски хаос ништо повеќе не заслужуваме!

Михаил Постоловски