Со свечена академија „Од идеја до независност“, што вечерва се одржа на малата сцена во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Охрид го започна одбележувањето на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

На свеченоста во име на Општина Охрид се обрати заменик-градоначалничката Ана Крстевска, која истакна дека 23 Октомври е симбол на непокорот, мудроста и вековниот копнеж на македонскиот народ за слобода, правдољубивост и сопствена државност.

На овој голем ден, пред повеќе од еден век, беше поставен темелот на организираниот македонски пркос и идеалот за слободна, самостојна и независна држава. Шестмина визионери, водени од љубовта кон својот народ и татковината, ја запалија искрата на револуцијата која брзо прерасна во сенароден пламен, рече Крстевска.

Таа нагласи дека револуционерната борба не била само борба со оружје, туку и идеја за единство, просвета и зачувување на идеалот македонскиот народ да биде господар на сопствената судбина.

Од идеалите на 1893-тата година, преку пламенот на Илинден 1903-тата, па сè до државотворниот АСНОМ во 1944-тата година, генерации родољуби го вградија својот живот во идеалот за слободна и независна Македонија. Тоа не беше само борба за слобода, туку и за градење држава во која идните генерации ќе живеат во мир, достоинство, напредок и меѓусебно почитување, истакна Крстевска.

Осврнувајќи се на улогата на Охрид во македонската историја, таа посочи дека градот, како лулка на македонската писменост, култура и духовност, отсекогаш имал посебно место во борбата за национална слобода.

Нашиот град даде бројни синови и ќерки кои не се колебаа да ги положат своите животи за идеалот – Слободна Македонија. Нивната храброст, жртва и непоколебливост се вградени во секој камен на нашиот древен град и во нашата национална меморија, рече Крстевска.

Во своето обраќање заменик-градоначалничката направи паралела меѓу историската борба и предизвиците со кои се соочуваат денешните генерации.

Денеска нашата борба е поинаква, но еднакво важна. Денес се бориме со знаење, труд, чесност и посветеност. Борбата на нашата генерација е да изградиме модерни, развиени и европски држава и европски град. Градиме заедница во која младите ќе ја гледаат својата иднина тука, на својата дедовина, а постарите ќе имаат достоинствени услови за живот, порача Крстевска.

Таа нагласи дека почитта кон историското наследство треба да се покажува преку конкретни дела во сегашноста.

Почитта кон минатото се покажува со дело во сегашноста. Секој проект, секоја нова училишна зграда, подобрена инфраструктура и секоја поддршка за нашите граѓани е наш придонес кон остварување на заветот што ни го оставија идеалистите од 1893-тата година, истакна Крстевска.

Свечената академија беше збогатена со културно-уметничка програма во која настапија Стрезо Стаматоски и Никола Тодороски, македонската етно-група „Дамар“, солистките Билјана Буџакоска и Исабела Димовска, ученици од ОСУ „Св. Климент Охридски“ и ООУ „Григор Прличев“, Благоја Шикоски, Охридскиот женски хор „Акордис“ и Охридскиот детски хор „Бамбино“.

Одбележувањето на 23 Октомври продолжува утре. Во 11 часот во Градскиот парк ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата на охридските револуционери.

Во 19 часот во „Форт Кафе“ на Самоиловата тврдина ќе се одржи промоција на книгата „Калдрма“ од м-р Никола Митровиќ – Бабе. Промотори ќе бидат проф. д-р Зоран Тунтев и новинарот Сашо Неловски.

OhridNews