Среќни и безбедни матурски вечери- е темата на која денес се разговараше на 23- от состанок кој го организира Секторот за внатрешни работи Охрид со советодавната група граѓани.

На средбата, што се оддржа во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески„ се изврши компаративна анализа на прекршоците за време на прославите на матурските вечери.

Согласно, аналитичките податоци на СВР , во 2011 како и во 2010 година, за време на матурските прослави не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир, а не биле регистрирани ниту сообраќајни незгоди поврзани со прославите. Во текот на 2009 година, регистрирано било едно нарушување на јавниот ред и мир со користење на алкохол во угостителски објект, каде се славела матурската вечер. 

На 23-от состанок на советодавната група граѓани беше потенцирана успешноста на проектот на СВР Охрид, „Среќни и безбедни матурски вечери“,  а беа подржани и повеќе заклучоци. Неопходноста од организиран превоз до хотелите каде ќе се прославува матурата и делењето на влезниците за матурантит во автобусите, непосредно пред тргнување- се само дел од заклучоците.

Предвидено е и зголемување на присуството на ангажираните агенции за обезбедување и нивното ангажирање за преглед, посебно кога постои сомнеж за носење алкохол и предмети погодни за напад. На состанокот е договорено и да се преземат мерки за спречување обидите за нелегален влез на лица кои не се матуранти на прославите , а да се следи и состојбата на местата каде ќе има втора и трета матурска вечер. Посебно, беше искажана потребата од продолжување на присуството на полицијата околу училиштата, сообраќајниците и хотелите.

Еден од предлозите, што предизвика интерес и внимание,  беше од идната школска година да започне имплементација на проектот- „Кодекс за пристојно облекување“, наменет за учениците, но и за професорите. 

OhridNews