Идниот викенд, во сабота кон недела на полноќ (27 кон 28 октомври) ќе почне зимското сметање на времето, кога стрелките на часовниците ќе ги поместиме за еден час наназад.

Преминувањето на летно и зимско сметање на времето првпат е забележано во 1916 година, во земјите на северот на Европа, а досега е воведено во околу 70 земји, за да се заштеди енергијата со тоа што периодот на дневната светлина од раните утрински часови ќе се „премести“ навечер.

Според предлогот на Европската комисија, секоја членка до април 2019 година би требало да одлучи дали ќе остане во зимско или летно сметање на времето. Последното задолжително поместување на часот на летно сметање ќе биде во недела, на 31 март 2019 година.

Членките кои сакаат да се вратат на зимско сметање на времето може да направат уште едно, последно полугодишно поместување, во недела, на 27 октомври 2019 година.

OhridNews