Затворениот базен кој охриѓани го очекуваа со години, конечно ќе почне да се гради на почетокот на идната градежна сезона, односно во март или април, информираат од локалната самоуправа.

Одржавме состанок со луѓето кои го изработуваат проектот и во почетокот на наредната недела ќе биде доставен до Агенција за млади и спорт која е нарачател на проектот. Согласно законската процедура, агенцијата во текот на неделата треба да го достави проектот до локалната самоуправа и да побара одобрение за градба, кое веднаш ќе го дадеме, и за затворениот базен и за теренот за вештачка трева, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Како што тој потенцира, давањето на одобрение за градба значи и завршување на потешкиот дел од подготвителните активности за реализацијата на проектот.

По добивањето на одобрението, верувам дека Агенцијата за млади и спорт со соодветна динамика ќе го објават тендерот за избор на изведувач и лично очекувам дека изградбата ќе почне во месец март или април 2014 , рече Спасески.

Како што неодамна најави градоначалникот Никола Бакрачески, Охрид ќе добие ултра модерен спортско рекреативен центар, во кој ќе има затворен и отворен базен, игралишта за тенис, кошарка и фудбал, вештачки терени со трева и еден лизгачки терен за зимски спортови.

Т. К.