Златникот со номинална вредност од милион американски долари е украден ноќта кон понеделникот од музејот „Боде“ во Берлин, објави полицијата на германската престолнина на својот профил на Twitter, пренесува „Макфакс“.

Украдената монета позната како „Големиот јаворов лист“ тежи околу 100 килограми и е изработена од чисто злато. Вредноста на материјалот за нејзиното производство и самата изработка се проценуваат на околу 3,7 милиони долари. 

Според информациите на берлинската полиција, дијаметарот на монетата изнесува 53 сантиметри, а дебелината е три сантиметра, на аверсот е изгравиран ликот на британската кралица Елизабета Втора. Мизејот „Боде“, кој е познат по својата колекција ретки и скапоцени монети, го позајмил експонатот на друг музеј за изложба.

Соопштено е дека непознатите го украле златникот музејски експонат околу 3,30 часот утрото по локално време. Во објектот влегле преку прозорец со помош на скала. Таа била најдена недалеку од објектот. Сé уште не е познато како крадците успеале да го исклучат системот за тревога и да го однесат тешкиот предмет.

Инаку најголемиот златник во светот е австралискиот „Црвен кенгур“, кој пред три години само два дена беше изложен во Минхен во седиштето на германската компанија којашто се занимава со промет на злато и други драгоцени метали „Pro Aurum“.

Работниците тогаш со помош на дигалка го подигнале златникот тежок еден тон со пречник од 80 сантиметри и го поставила на подлогата. Златникот е искован во ковачницата во австралискиот град Перт и на него е ликот на британската кралица Елизабета Втора, а на реверсот е лик на кенгур. Изработен е од 24 каратно злати и е проценет на 30 милиони евра.

OhridNews
извор: „Макфакс“