Од средината на ноември ќе стартуваат двете нови градски кружни линии наменети за жителите на булеварот „Железничка“, населбата „Гоце Делечев“, дел од Воска и Видобишта.

Местата на кои ќе бидат поставени автобуските постојки на булеварот „Железничка“ веќе се обележани.

Како што информираат од локалната самоуправа, целта е да се обезбеди градски превоз и во овие делови од градот и да се поврзат со централното градско подрачје, пред се со позначајните институции. 

Во тек е постапката за доделување на линиите и избор на превозник кој ќе добие дозвола и лиценца за вршење превоз до наведените населби во Охрид, која се очекува да биде завршена за две до три недели .

Од локалната самоуправа најавуваат воведување на редовна автобуска линија и кон селото Завој. Со линиски превоз  досега беа опфатени повеќето населени места во околината на Охрид, меѓу кои и Свети Наум, Трпејца, Пештани, Елшани, како и селата Велгошти, Куратица, Свињишта.

Т. К.