Од 20 до 28 јули Трпејца ќе биде домаќин на Културно – забавната манифестација „НА ЗАЈДИСОНЦЕ“. По чинот на Свеченото отворање на летната сцена „Кај бунарот“ ќе биде промовирана химната на манифестацијата „ЗА ТРПЕЈЦА СО ЉУБОВ“ во изведба на „Распеани ѓерданчиња“. Истата вечер ќе биде отворена изложбата под наслов: „Далеку,а блиску“ од авторите Рома и Лука Фрашчек од Полска. Младите сопружници фотографиите од Трпејца, Охрид и Македонија исто како и фотографиите од родната Полска ги направиле минатата година.
„Идејата за ваква изложба се роди за време на нашиот престој во Трпејца. Под влијание на убавините на ова мало место одлучивме да подготвиме изложба на нашите фотографии. Сакавме да се осврнеме на малите заедници и да ја прикажеме нивната убавина, честопати скриена. При изборот на фотографии се фокусиравме на одредени пејсажи и прекрасни моменти од секојдневниот живот. На овој начин сакаме да прикажеме дека навидум различните и далечни места се невообичаено, зачудувачки слични во многу аспекти,“ велат сопружниците Фрашчек.
Следејќи го утврдениот концепт во текот на осумте дена ќе се менуваат низа интересни настани. Вечерната променада ќе има и годинава. Со кајче по езерото и инструментите во раце ученици од ОМУ „Методи Патче“ ќе настапат во два термини. На сцената „Кај бунарот“ ќе биде прикажан документарниот запис „Вака некогаш се ловеше во Трпејца“ од Хилда Кондовска. Ќе следи настап на Женската пеачка група при Здружението на пензионери од Охрид. Мини концерт под наслов „Црвени рози“ ќе има познатиот Томислав Маниќ,а ќе настапи и ансамблот „Билјана“.
Планирани се веќе познатите и бесплатни школи за англиски јазик, шах и пливање. Ова издание најверојатно ќе се памети по креативните работилници за оригами и изработка на уметнички композиции во чија основа ќе бидат бисерните камчиња од Трпејца. Во соработка со Црвен крст – Охрид и Националниот парк „Галичица“ организаторите предвидоа презентација на „Спасување на вода“ и прошетка по патеката Чоколско. И годинава ќе се фаќаат рипчиња на јадица и ќе се подготвува чорба од риба, а ќе се одржи и Кајакарската регата „Номче Митрески“. Во соработка со Кинотека на Македонија ќе биде прикажан и филмот „Мис Стон“. Филмот делумно е сниман во Трпејца, а на времето речиси сите жители биле статисти во него.
Покровител на манифестацијата и годинава е Општина Охрид. Свој удел во манифестација покрај Здружението, Месната заедница и Црковниот одбор имаат и спонзорите и поддржувачите, во најголем број од Охрид и Трпејца.
OhridNews