Од 9-12 септември во Охрид се одржа шестата по ред ИКТ конференција за иновации во организација на Асоцијацијата за информатички и комуникациски технологии ( ИКТ-АКТ) при Факултетот за комјутерски науки и инжинерство( ФИНКИ) која годинава оригинално беше насловена „World of data” или „Светот на податоците”.

Факултетот за туризам и угостителство беше локацијата каде се одржаа најголемиот дел од сесиите, вклучувајќи ја и завршната церемонија на која до присутните учесници им се обратија професорите Ана Мадевска Богданова и Дејан Ѓорѓевиќ од организацискиот тим

Претставено низ бројки, за три дена класифицирани во 14 сесии и 3 работилници беа презентирани 50-тина прифатени научни трудови и беа поставени повеќе од 100 прашања, а најдобриот научен труд со наслов „Handling label noise in microarray classifications with one class classifier ensemble” од учесниците Bartosz Krawczyk и Michal Wozniak од Полска, доби препорака нивниот труд да биде објавен во comSIS Journal.

Професорот Ѓорѓевиќ ги презентираше статистичките податоци во облик на ретроспектива на најважните факти за конференцијата и предвидената програма, додека професорката Богданова им се обрати на учесниците со искрени честитки за сработеното и срдечна благодарност.

„Задоволна сум од тоа како измина конференцијата, од стекнатото искуство и ви сум исклучително благодарна за вашиот труд, време, трпеливост, желбата да присуствувате на сите презентации во текот на изминатите три дена и тоа што останавте до самиот крај. Се надевам дека конференцијата ги исполни вашите очекувања“-рече Богданова.

Учесниците со суперлативи ги изразуваа своите впечатоци од сите активности во склоп на конференцијата, а особено им се допадна умешниот спој на теоретскиот и социјалниот дел. 

„Оваа конференција многу ми помогна во надоградба на моето знаење со оглед на тоа што работам како асистент и сум задоволен што беше прифатен мојот труд со цел да послужи како основа за натамошно размислување за таа проблематика. Морам да признаам дека учам многу за есенцијални проблеми и прашања кога одам на конференции и сакам да разменувам мислења со моите колеги на различни теми. ”- изјави докторант од Албанија. 

„Јас сум првпат во Охрид и сум воодушевен од глетката, од магијата на градот и секако она за што дојдовме, а тоа е конференцијата и споделувањето искуства за нашите научни полиња на интерес.Особено го засакав балансот помеѓу теоретскиот дел и нашето дружење, разгледување и прошетки низ Охрид и неговите знаменитости чиј број е прилично голем за да се види се во два- три дена,но ми се допадна селекцијата на организаторите што да посетиме”- изјави учесник од Хрватска.

И македонските учесници беа импресионирани од новиот изглед на манастирскиот комплекс ,,Свети Наум” и природната убавина со која изобилува овој предел, а особено им остави впечаток прошетката со чамец по изворите и вкусната храна.

Темата за следната седма по ред IT конференција кoja ќе се одржува од 1-4 октомври 2015 во Охрид, ќе бидe ,,Еmerging tehnologies for better living”.

Ивана Чичоска