Маратонците Тања Велјановска и Кире Наунчевски успешно го истрчаа Охридскиот атлетски маратон и ја започнаа мисијата „Патот до Саргасовото море“. Целта на оваа иницијатива е подигање на јавната свест за спас на Охридската јагула.

Нашата иницијатива е охридската јагула да го обнови патот кој го поминуваше низ вода се до Саргасовото море. Затоа не случајно го одбравме Охрид за почетокот на нашата мисија – рече Велјановска.

Маратонците за една година и четири месеци ќе истрчаат 7 400 километри, растојание кое што јагулата од Охридското Езеро го поминуваше секоја година до Саргасовото Море за да се размножи, пред изградбата на хидроелектраните на Црн Дрим. Тие стартуваа денеска од Охрид, а ќе финишираат со маратонот во Хамилтон, Бермуда на 17 јануари 2016 година.

– Со иницијатива „Патот до Саргасово море“, она што сакаме да постинеме е јагулата да го обнови својот пат од Охридското Езеро до Саргасово Море кое се наоѓа во Атлантскиот Океан. Пред 50 години изградени се 6 брани со што целосно е попречен нејзиниот природен пат. Се случува јагулата да оди по копно, но не е алпинист, бидејќи две од тие брани што се во Македонија се високи по 82 метри. Во други земји тоа е решено на тој начин што има водени канали, водени лифтови, таканаречени рибни патеки и на тој начин се решава проблемот. Уште во 1999 година професорот Христовски го има изготвено проектот како треба да изгледаат тие канали, меѓутоа до ден денес нема никакво решение, и сега сакавме малку да ја подигнеме свеста во јавноста дека на тоа поле не се мрднало.- додаде Велјановска.

Веднаш по завршување на маратонската трка во Охрид на Велјановска и Наунчевски им се придружи Србинката, Тања Стојановски, светски познат ултрамаратонец која има македонски корени.

Инаку Тања Велјановска  е државна рекордерка во маратонско трчање, а Кире Наунчевски е атлетичар со најголем број истрчани маратони во една година  во Македонија.

Мх.П.