Сопствениците на познатиот угостителски објект „План Б“ кој се наоѓа во центарот на градот се жалат на работата на сообраќајната полиција, која според нив незаконски пишува казни дури и кога возилата се паркирани правилно. Оттаму тврдат дека сето тоа се прави по налог на повисоки инстанци во службата, со што објектот трпи штета. Поради тоа тие проблемот го изнесуваат јавно во медиумите, а како поткрепа на тврдењата испратија и фотографии.


Од План Б се жалат на работата на сообраќајната полиција

Од СВР Охрид ги демантираат обвинувањата и тврдат дека сообраќајната полиција постапува законски. Оттаму појаснуваат дека на овој простор се констатирани чести прекршувања на законот за безбедност на сообраќајот и дека било дејствувано превентивно со опомени кон возачите, кои не вродиле со плод, поради што биле преземени дополнителни мерки.

– Се работи за непрописно паркирани возила на улиците „Партизанска“ и „Кузман Јосифоски Питу“, за што досега се направени неколку обиди со укажување кон сопствениците на возила во моментот на паркирање дали на пешачки премин или на друг недсоодветен дел на коловозот на улицата. На тој начин тие прават прекршоци по член 66 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој што стриктно кажува дека не смее да се паркира возило на обележан пешачки премин и на оддалеченост помала од 5 метри од тој премин. Со тоа се загрозува безбедноста како на возачите, така и на пешаците. Бидејќи и натаму возачите продолжија со кршење на законот мерките се продолжени и издадени се три платни налози за сторен сообраќаен прекршок. Извршено е фотографирање и утврдена е фактичката состојба. Констатирани се паркирани возила во крстосница, што е прекршок. –објаснува Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.


СВР изнесе фотографии со кои ја оправдува акцијата

Од СВР Охрид велат дека нема селективност во работата на сообраќајната полиција и дека вакви акции се преземаат секаде каде што има прекршување на законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

OhridNews