Во текот на изминатиот период, сообраќајната полиција ширум земјава презеде низа мерки кон лицата кои не ги почитуваат правилата согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во тек се акции со кои се врши контрола и преземање мерки кон неправилно паркирани патнични моторни возила, како и кон пешаците кои покажуваат непочитување на светлосните знаци, односно знаците на сообраќајниот полицеац.

Во таа насока, почнувајќи од 1-ви јануари оваа година заклучно со вчера, „пајак“ службата во Охрид отстранила вкупно 32 возила, кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

„Заклучно со 12-ти февруари, оваа година од охридските улици отстранети се вкупно 32 возила со помош на пајак службата, за кои се наплатени сите налози. Во текот на 2013 година, односно од месец мај до декември, извршени се 311 интервенции. Доколку возачот се затекне на лице место, казната изнесува 1200 денари, во спротивно истата чини околу 2500.“ – информираат од Р.Е Механизација.

Пајак службата активна и во главниот град

Пред два дена, пајак службата во главниот град отстраниле вкупно 79 возила кои го попречувале одвивање на сообраќајот, јавува „Максим“. Како што наведува медиумот, за 24 сати полицијата открила и санкционираше 17 пешаци кои поминале улица каде не бил обележан пешачки премин, четворица не ги почитвале сообраќајните светлосни знаци, а петмина возачи не дале предност на пешаците на обележан пешачки премин. Исто така, пред една седмица службата од скопските улици успеа да острани 83 возила.

Фискална сметка од скопската „пајак служба“ – „Повелете пак“

На почетокот од месецот, фотографија од фискална сметка за платена казна на пајак службата стана вистински хит по социјалните мрежи, јави „Мкд-њус“.

Во други градови, „пајак“ службата не функционира

Неоддамна, телевизијата „Телма“ јави дека иако несовесните возачи во Тетово се казнуваат, нивните возила остануваат непрописно паркирани по коловозите, тротоарите и зелените површини, а како причина се наведува нефункционирање на „пајак“ службата.  Од Секторот за сообраќај при општина Тетово, за оваа телевизија изјавија дека  располагаат само со едно вакво возило, кое постојано е во дефект, додека од општината потенцираа дека немаат доволно финансиски средства за да обезбедат повеќе „пајак“ возила.

O.T.