Генералниот штрајк на лекарите специјалисти во здравствените установи во земјава,  трае веќе 8-ми ден. На денешниот координативен состанок со членовите на штрајкувачкиот одбор од Охрид и Струга, Синдикатот на клиничките центри одлучи дека од понеделник ќе има промена на формата на штрајкот и обемот на активностите.

Според д-р Дејан Ставриќ, лекар на очната клиника во Скопје и претседател на Самостојниот синдикат, ќе дојде до намалување на обемот на здравствените услуги кои се нудат во здравствени установи во земјава. „На тој начин ќе се обидеме да го свртиме вниманието на надлежниот министер. Во наредниве два дена, здравствените работници незадоволството ќе го искажуваат во паузите за доручек во траење од половина час. Од понеделник, ќе дојде до намалување на здравствените услуги кои ги нудат овие установи, а ќе се работи по одредени правила во услови на штрајк“ – вели д-р Ставриќ.


Тој потенцира дека министерот треба да стапи во преговори со релевантната структура која штрајкува. „Тоа се над 90 отсто од лекарите и докторите специјалисти во Македонија. Во моментов министерот разговара со Бранковиот синдикат, кој е репрезентативен но не и релевантен. Мора да се најдеме во една точка, каде што ќе бидат задоволени нашите барања. Најпрво покачување на платата, потоа отфрлување на моделот за плаќање по успешност и воведување соодветен модел.“ – додава Ставриќ


На денешниот координативен состанок се разговарало за синдикалното делување во  Заводот за кардиоваскуларни болести „Св. Стефан“ и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. „95 отсто од докторите вработени во здравствени установи на ова подрачје, се согласуваат со барањата на синдикатот. Меѓу нив беа и претставници од болниците „Св. Стефан“ и „Св. Еразмо“. Нашата цел е да го прошириме синдикатот од легитимен во репрезентативен, со цел докторите и специјалистите кои работат во здравствените установи да не се жртви на актуелниот модел за учинок кој не е адекватен“ – изјави д-р Никола Симоноски.

Инаку, Симоноски истакна дека и за време на штрајк се води грижа за пацинетите.  Нивното здравје нема да биде загрозено , односно, итните случаи ќе се примаат и кога штрајкот ќе се интензивира.

OhridNews