Oд понеделник, 29 март, почнува етапната исплата на мартовските пензии. Министерството за труд и социјална политика информира дека пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата и тоа за пензии со висина до 11.000 денари, исплатата ќе се изврши во понеделник, за пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата ќе се изврши во вторник, за пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата ќе се изврши во среда, а за пензии со висина над 18.001 денари, исплата ќе се изврши во четврток, се вели во соопштението од МТСП.

Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
-Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје, посочуваат од МТСП.
Оттаму потсетуваат на обврската за носење лична заштитна опрема којашто ги покрива пределот на носот и устата како и на држење растојание при чекање ред пред и внатре во банките.
OhridNews












