Почната е постапката за печатење на учебниците по предметите математика и природни науки кои се наменети за учениците од прво до трето одделение,објави Телевизија „Алфа“.

Според изворите на телевизијата, започната е постапката за печатење на учебниците по предметите математика и природни науки кои се наменети за учениците од прво до трето одделение. Се работи за адаптирани учебници од две издавачки куќи кои што се изработени по меѓународната наставна програма Кембриџ, а исто така оваа институција ја одобрила и содржината на учебниците кои се преведени на македонски, албански и турски јазик.

Министерот  за образование и наука Абдилаќим Адеми, за „Алфа“ изјавил дека до почетокот на учебната година  учебниците ќе бидат испечатени и дистрибуирани до училиштата.

-За овој проект веќе се одобрени средства за откупување и на авторските права и за печатење на истите. Се надевам дека до 1-ви септември учениците од 1-во до 3-то одделение за настава по македонски, албански и турски јазик ќе ги имаат предметите математика и природни науки, изјавил министерот Адеми.

Учебниците се од две издавачки куќи, од Кембриџ и Нелсон, а со нив конкурирал и домашниот издавач Арс Ламина, по основ откуп на материјалните права. Вредноста на набавката на учебниците во целосен тираж од прво до трето одделение е околу 73,5 милиони денари без ДДВ. За работните тетратки 26,5 милони денари.

Министерот Адеми во изјавата за телевизијата информира дека за следната година во план е да се обезбедат и учебници по оваа програма за учениците од 4-то до 6-то одделение.

-Веќе имаме заклучок и одлука на Влада да продолжиме со преговорите и за другите предмети и на некој начин да се заокружи за другите години, до 4-та година средно образование, додаде Адеми.

Инаку вчера почнала и втората фаза  за обука на наставниците кои треба од септември да предаваат по новата меѓународна програма. Како патоказ ќе имаа и прирачник.

OhridNews

Извор: „Алфа“