Еден од најголемите приоритети на локалната самоуправа е дигитализација на услугите, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, при денешното обраќање на настанот што се одржа во Општина Охрид за иницијативата „Младите во фокусот“, на кој присуствуваа претставници од Клубот за младински прашања и политики при Собранието на РС Македонија, Институтот за добро управување и евроатлански перспективи, советници и претставници на младински организации.
Имавме одредени состаноци со неколку фирми коишто би можеле да помогнат да направиме првично дигитализација на услугите поврзани со урбанизмот, а потоа и на сите останати услуги, а сето тоа надодадено и со Ohrid Smart City, во иднина секако. Начелно имаше одредена понуда од фирма за дигитализација на услугите од урбанизам со спојување на услугите од катастар, е-урбанизам и истите останати работи кои на некој начин се поврзани со урбанизмот, да може буквално на еден клик, дури и преку апликација граѓаните да ги користат. Но, никако не можевме да изнајдеме средства во овој Буџет, веќе во наредниот ќе гледаме да го испланираме, рече Пецаков.
Додаде дека оваа дигитализација би почнала веќе од наредната година, каде би било надодаден и Ohrid Smart City, потенцирајќи дека би се почнало со една или две улица како пилот проект, а потоа и да се опфати и централното градско подрачје.
Секако видео надзорот, односно поставувањето на камери на клучни места во градот во соработка со соодветните институции ќе биде еден од приоритетите на оваа локална самоуправа и веќе од почетокот на наредната година треба да се направи. Ова е процес за кој е разговарано. Короната не научи дека можеме доста работи од дома да ги правиме. Ова би било само еден чекор напред кон приближување на услугите кои општината ги нуди, рече Пецаков.
Додаде дека досега немаше заедничка страница на која преку линкови се пренасочува за плаќање на сметките на сите ЈП-ја, немаше онлјн плаќање на данок на имот во Општина Охрид, истакнувајќи дека сериозно се работи чекор по чекор за да се стигне до тоа што се нарекува дигитална транформација.
Раководителот на Секторот за образование, Димитар Спасески, упати апел до Моника Зајкова, координатор на Клубот на младински прашања и политики во Собранието на РС Македонија, која присуствуваше на настанот, во однос на дигитализацијата во иднина да се разгледа некаква можност да се овозможи вкрсување на податоците со државните институции, како што се Управата за матична евиденција, УЈП, да се подобри комуникацијата, бидејќи, вели се бара премногу документација од граѓаните, а доколку истите податоци би можеле да се прибават по службена должност и за граѓаните и за локалната би било многу полесно.
Беше добиен одговор дека ова прашање ќе биде вметнато во рамки на дискусијата за Законот за осигурување во случај на невработеност, но и дека институциите се скептични во насока на реализација и имплементација на законите.
Н.С.Ј.













