Утревечер, со почеток во 21 часот, во охридското село Велестово, на сред село, по 26-ти пат ќе се одржи манифестацијата Поетска ноќ во Велестово. Оваа година манифестацијата е посветена на поетското творештво на академик Катица Ќулавкова. За нејзиното творештво ќе беседи проф. д-р Владимир Мартиновски. Стихови ќе читаат членови на Независната аматерска театарска група Аматер од Охрид. Традиционално, покрај поетскиот портрет на истакнат поет, ќе биде одржана и ликовна изложба. Оваа година во изложбениот простор на старото училиште во Велестово со слики и скулптури ќе се претстават шест млади уметници, членови на Центарот за културен проток АРТерија: Димитрие Ристески, Ели Аиноска, Стевчо Наумоски, Билјана Ангелеска, Ивана Групче и Зорица Азеска Спасеска.

Како што рече основоположникот и претседател на манифестацијата, Славе Ѓорго Димоски, Поетската ноќ во Велестово е своевиден феномен, празник на поезијата кој, веќе завлезен во третата деценија, ненаметливо, стрпливо, упорно неа ја враќа на праизвориштето исполнето со духовна енергија и го буди исконскиот поет во нас.

– Поетските ноќи во Велестово се просветление кои му одолева на ова, за поезија, скудно време и ја враќа вербата во потрага по дообјаснувањето на светот и на животот, а среде  тој ѕвезден раскош се  негува „романтичниот“ шарм, за (најискрено и најнаивно) да се сфати (и прифати) Поезијата. И Поетот. Но, се соочуваме со еден парадокс, колку што повеќе расте авторитетот на Манифестацијата, во земјата и надвор, толку помалку се одвојуваат средства за нејзино одржување. Треба да се има во предвид дека оваа е непрофитна манифестација и афирмира специфична уметност која строго е врзана за јазикот кој е и најсилен израз на националниот идентитет, рече Славе Ѓорго Димоски .

На 16-ти август во просториите на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 21 часот ќе се одржи интернационално поетско читање, во чии рамки ќе се претстават поетите Патрик Котер од Ирска, Тања Бакиќ од Црна Гора, Барбара Погачник од Словенија и Зоран Јакимоски од Македонија. Во соработка со Издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје, во рамки на годинешната поетска ноќ во Велестово ќе се одржи и промоција на три стихозбирки од поети учеснци на манифестацијата. Промоцијата ќе се одржи на 18 август во просториите на НУ Библиотека „ Григор Прличев“ во Охрид во 11 часот.

Ќе бидат промовирани книгите: „Никој не знае“ од Патрик Котер, „Семе и други песни“ од Тања Бакиќ и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски. Промотори ќе бидат: м-р Славица Гаџова, Славе Ѓорѓо Димоски и Тоде Илиевски.

Во рамките на оваа манифестација во изминатите 25 години било претставено творештвото на најпознатите македонски поети, сликари, критичари, меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Гузел, Радован Павловски, сѐ до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски, а од сликарите би ги споменале: Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски,  Газанфер Бајрам, Славко Упевче и други.

OhridNews