– Трпејчани на шега велат- имаме за цел да го засениме фестивалот „Охридско лето“. Секако дека не ни е тоа целта, туку „На зајдисонце“ да ја исполни својата функција, на гостите да им понуди голем број содржини кои нивниот престој ќе им го направат уште поубав. Имаме сознанија дека луѓе кои лани за прв пат престојувале во селото додека траеше манифестацијата, сега прашуваат кога пак таа ќе се одржува за да дојдат на одмор токму во тој период, вели Милчо Јованоски, член на здружението „За Трпејца со љубов“, кој додава дека првото издание на манифестацијата наишло на одличен прием кај охриѓани и гостите во Трпејца.
Покровител на манифестацијата е општина Охрид, а е поддржана и од месната заедница на Трпејца.
– Ова е една од активностите на локалната самоуправа за подршка на културните манифестации, со акцент на оние кои се организираат во руралните средини. Целта е да се доближи културата во секое место и затоа ќе се погрижиме вакви настани, во изобилство, да има и преку цела година и да го оправдаме епитетот – град на културата, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Освен настапот на ансамблот „ Билјана“ кој ќе го промовира своето прво ЦД, утревечер , присутните ќе имаат можност да ја видат и изложбата на Мајкл Клос, академски сликар од македонско потекло кој живее и работи во Канада и кој во светски рамки е познат и како дизајнер и сценограф работејќи на филмови и телевизиска продукција.
Во следните осум вечери во Трпејца ќе следат настапите на наградени ученици од ОМУ „МетодиПатче“ во рамки на Вечерната променада Со кајче по езерото, концертот на детскиот хор „Распеано ѓерданче“ при КУД „Бисери“, омажот за уметникот- сликарот Димитар Кондовски, човекот кој пред околу триесеттина години прв ја откри Трпејца и го доведе уметничкиот свет во неа. За првпат ова лето три дена ќе биде организирана Креативна работилница по уметност. Во Трпејца ќе биде промовирано мултимедијалното ЦД „Македонските овошни приказни во стих “ од охриѓанката Весна Пирузева – Петровска, а ќе биде отворена и еднодневна изложба и презентација на етнолошки предмети од Трпејца. Во забавно – едукативниот дел и годинава ќе продолжат Работилницата по англиски јазик и школата за пливање, а ќе се организира и Школа за шах. Планирана е мини регата на кајакарите – членови на КК „Рибар “ од село Трпејца, која од годинава ќе го носи името на покојниот основач и прв тренер на клубот Номче Митрески. Манифестацијата „На зајдисонце “ во Трпејца ќе го организира настанот „Рибарски вистини“ со мини изложба на риболовен алат кој се користел низ вековите во Трпејца, стари рибари ќе зборуваат за своите рибарски авантури, а за атракција со богат фонд на награди ќе биде организиран и натпревар во ловење риба со јадица од брегот.
.