Улицата „Кеј Маршал Тито“ од пресекот со кружниот тек на плоштадот до пресекот со улицата „Ванчо Николески“ од утре до 31-ви август 2014 година ќе биде затворена за сообраќај. Ова се должи на летниот режим на сообраќај, кој денес го усвои Советот на Општина Охрид.

Забранети за секаков вид на моторни возила ќе бидат и улиците „Ванчо Николески“ од пресекот со улица „Партизанска“ до улица „Кеј Маршал Тито“ и пешачката патека од Центарот за обука на вода до Горица.

На плоштадот„Св. Климент Охридски“,  на улица „Цар Самоил“,улица „Коста Абраш“ и улица „Илинденска“ се забранува секаков вид на моторен сообраќај освен за жителите на Стар Град  во временски интервал од 5 часот до 20 часот, при што целиот овој простор ќе се користи како пешачка зона поврзана со чаршијата  и улицата „Кеј Маршал Тито“.

Во период од 20 часот до 5 часот  наутро  на крајот од улица „Македонски Просветители“ ќе се постават подвижни столпчиња за безбедно да се одвива пешачкиот сообраќај, а на раскрсницата  на улица „Македонски Просветители“ со улица „Партизанска“ ќе има физичко присуство за регулирање на сообраќајот.

Во период од 20 до 5  часот  на кружниот тек , улиците „Илинденска“, „Цар Самоил“ и на „Коста Абраш“ се забранува секаков вид сообраќај. Дотурот на роба во трговските и угостителски објекти во Стар град ќе се врши во време од 5 до 9 часот наутро. На наведениот простор дозволено ќе биде да се движат само специјални возила на МВР,АРМ, санитарни, комунални, погребни и ППЗ возила. Улиците „Св. Климент Охридски“, „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и „Илинденска“ се прогласуваат „Зони на смирен сообраќај“ при што брзината на движење  се ограничува на брзина на движење на пешаци, појасни Томе Змејкоски, од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици при општина Охрид.

Тој нагласи дека во стариот дел од градот движењето на возила е дозволено само за жителите на Стар Град кои ќе добијат специјални налепници за движење на возила  кои ќе се издаваат во Секторот за комунални дејности сообраќај и  улици при Општина Охрид.   

OhridNews