Овие Велигденски празници катедралната црква Света Софија ќе ги дочека во ново светлосно руво. Новата донација на Лајонс клубот „Лихнидос“ овозможи најголемиот средновековен духовен храм во Македонија да биде комплексно осветлен.
“Станува збор за монументален објект, кој многу пати бил рушен, доградуван и реставриран, и кој буквално на секој ѕид и во секој агол ја пресликува бурната историја на нашиот народ. Токму затоа потрошивме три месеци во планирање, консултации и поставување на ново адекватно осветлување, кое преку таканаречената „игра на светло и сенка“ треба да ги потенцира убавите детали, а да ги сокрие недостатоците. Притоа, дополнително внимание беше посветено на осветлувањето од аспект на мултидимензионалниот карактер на Света Софија, чиј внатрешен и надворешен простор често се користи за различни свечености, фестивалски перформанси и концерти.” – изјави проф. д-р Зоран Тунтев од ЛК „Лихнидос“, иницијатор на акцијата.
За укажаната доверба, членовите на ЛК „Лихнидос“ изразуваат голема благодарност до Дебарско – кичевската епархија и неговото Високопреосвестенство Митрополитот Г. Тимотеј.
OhridNews

















