Камионски гуми, пластична амбалажа, градежен шут и најразличен друг цврст отпад  беше изваден од водите на  Охридското Езеро во рамки на акцијата што заеднички ја организираа Лајонс клубовите „ Лихнидос“ и „Десарети“, Ротари клубот „Охрид“ и Сојузот за подводни активности.

Oд извадениот отпад членовите на културниот центар „Медиа Артес“  направија креативна инсталација во која доминираше кралот на ѓубрето како порака до сите нас за загаденоста на езерото.

„Симболиката е многу јасна и гласна. Езерото треба да биде чисто, се што е во езерото да се извади на површина, ѓубрето да не го криеме, туку треба да се соочиме со реалноста и со тоа што не чини“, рече Горан Стојаноски, актер, режисер и член на Лајонс клубот „Лихнидос“.

Денешната е шеста акција за чистење на Охридското Езеро од цврст отпад. Милутин Секулоски-меѓународен интруктор по нуркање вели дека годинава било извадено помалку отпад од претходните акции, но дека сеуште во езерото има многу ѓубре на кое местото не му е таму каде што е фрлено. „Ние физички не можеме да постигнеме да го исчистиме езерото, но сакаме да пратиме порака до граѓаните и да се подигне свеста за проблемот со загадување на Охридското Езеро“, рече Секулоски.

Од Сојузот за подводни активности најавија дека во иднина вакви акции ќе бидат спроведени и на атрактивните плажи и други локации на Охридското Езеро.

Ohridnews