Во досегашнииот тек на акцијата за чистење на Охридското Езеро од неексплодирани убојни средства, што ја реализира Дирекцијата за заштита и спасување, од дното на езерото се извадени над 700 експлозивни направи од различен период.


Во Пештани се пронајдени гранати од 125 и 170  милиметри, минофрлачки бомби, мини и муниција. Дел од гранатите се со поголема експлозивна моќ за уништување објекти. Некои од експлозивните средства се пронајдени непосредно до самиот брег и претставувале потенцијална опасност по луѓето. На Градското пристаниште се најдени мини, рачни бомби, гранати и различен вид муниција, кои потекнуваат од периодот на балканските и светските војни.

Стручните лица вклучени во акцијата објаснуваат дека дел од експлозивните средства се покриени со песок и дека и во иднина ќе бидат откривани, за што според нив ќе треба да се направи посебна програма за целиот охридско-струшки регион.


Нуркачките екипи откриле и нови локации каде има неексплодирани убојни средства, поради што не се исклучува можноста наскоро да се реалзира уште една акција за чистење на Охридското Езеро од екслозивни направи. Слична акција се најавува и на Дојранското Езеро, каде исто така  има сознанија за присуство на неексплодирани убојни средства.

Ohridnews