Со пригодна свеченост денес, во општинската зграда се одбележаа 71- годишнината од ослободувањето на Охрид. Пред присутните се обрати заменик градоначалникот Ангел Јанев кој истакна дека со одбележувањето гордо и со пиетет им се оддава почит на сите храбри борци кои учествуваа во ослободувањето на Охрид, особено на оние кои ги дале своите животи за слободата.
– На одбележувањето на еден од најсветлите историски датуми на нашиот град, потсетуваме дека веднаш по ослободувањето, Охрид забрзано почна да се гради и економски да се развива. На темелите на тешко спечалената слобода, многу генерации го развиваа Охрид, а свој особен придонес дава и нашата генерација. Пред нас и генерациите по нас ќе стои одговорноста да го почитуваме она што со крв е спечалено, да ја чуваме слободата и независноста и да ја развиваме сопствената држава. Тоа го прават сите граѓани, а посебно важна обврска е за нас кои вршиме општествени и политички функции, па затоа, Ве уверувам дека актуелната Локалната самоуправа како одговорна власт, макотрпно и посветено работи да придонесе и да остави белег во современиот развој на Охрид, рече Јанев.
Претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески потенцира дека седми ноември е денот кога Охрид слави за успехот, за храброста и за херојството и се искажува почитта кон жртвите кои ги положија животите, за слободен Охрид, за слободна Македонија.
– Вистината мора да оди пред нас во иднината и да сведочи за историјата, за тоа, кој ја донел слободата во овој наш убав град, кој го нудел својот живот во замена за слободата и нашата иднина. Тоа е голема работа која и припаѓа и на историјата но и на вечната вистина, која никогаш не треба да се заборави. Наша света должност е да ја сочуваме тешко стекнатата слобода. Долг е на денешните и утрешните генерации да ја зачуваат тешко спечалената со многу крв, саможртви, труд и самопрегор, слободата и државата, да имаат критички поглед кон минатото, ама и да се гордеат со него и со достигнатото, со што ќе ги надраснуваат и надградуваат слободата и државноста со нови демократски, економски, културни и општествени вредности за Македонија да ги достигне европските висини на земја со достоен и благодетен живот за своите граѓани, рече Георгиески.
Во рамки на културно- уметничката програма настапија ансамблот „ Билјана Јуниор“, поетите Маја Мојсова и Мирко Томоски, хорот при ОУ „ Григор Прличев“ и професорката Емилија Маринова на пијано.
Претходно на спомен- облежјата од НОБ беше положено свежо цвеќе.
OhridNews