Со пригодна свеченост, денес,во општинската зграда се одбележа 7- ми ноември Денот на ослободувањето на Охрид. Пред бројните присутни гости се обрати претседателката на советот на општина Охрид, Гордана Коњановска која изрази  благодарност кон сите учесници во Народно ослободителната војна, а посебно кон оние херои кои пред 70 години, на Охрид конечно  му ја подарија слободата.

Низ историјата Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата. Илинденската епопеја, Балканските војни и Првата Светска Војна се трагични епизоди, но и скалило повеќе кон целосното ожитворување на идеалот за слобода, еднаквост и човечките правдини, кој се реализира со застанувањето на македонскиот народ на страната на антифашистичката коалиција во Втората светска војна во која беа положени илјадници животи, за конечна победа и слобода на Македонија. Денес 70 години потоа, жртвата на нашите херои не обврзува, да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието, рече Коњановска.

Во рамки на културно- уметничката програма настапи хорот и членови на рецитаторската секција при ОУ „ Христо Узунов“, хорот на Здружението на пензионери од Охрид, ученички од ОУ „ Григор Прличев“ и ученици од ОМУ „ Методи Патче“.

Претходно се изврши полагање на цвеќе пред спомениците во Градскиот парк, споменикот на Петре Пирузе, пред споменикот на Мите Богоески, споменикот на Јасна Ристеска, а се изврши и и промоција на прирачникот  „ Ѕвони ѕвонче  за бонтон” во рамките на проектот “Бонтон”-однесувај се убаво и пристојно во објектот “Централна”при  ЈОУДГ “Јасна Ристеска”.

OhridNews