Во организација на општинската организација на СБ од НОАВМ 1941-1945 и грѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца и локалната самоуправа, денес, се одржа традиционалниот Марш на Мирот под мотото „Правото на мир – 70 години од Универзалната декларација за човекови права”.

 

Централното случување на настанот беше на градскиот плоштад, каде пред присутните   се обрати советникот во градскиот Совет, Мишел Силјаноски, кој рече дека Сојузот на борци од народно ослободителната борба и граѓаните продолжувачи на традицијата, имаат најголемо историско право, бескомпромисно да се залагаат за вредностите на мирот и слобода за секој човек.

Годинашниот мировен марш по повод 21 септември, Меѓународниот ден на мирот, ја потврдува определбата на Република Македонија, дека својот развој го гледа во мирна коегзистенција со своите соседи во поширокото европско семејство. И денес кога на нашата планета постојат војни судири, Сојузот на борците и продолжувачи на традицијата и ние како граѓани, чекориме со пораката за мир и се приклучуваме кон иницијативата на генералниот секретар на обединетите нации Антонио Гутереш, да прекинат насилствата и сите народи да чекорат заеднички по патеките на мирот и взаемното уважување и разбирање.Почитувани присутни, да посакаме мирот да надвладее, а луѓето и народите да чекорат кон заедничка иднина, исполнета со човекољубие, мир и слобода за сите луѓе- истакна Силјаноски.

Пригодно обраќање имаше и потпретседателот на Сојузот на борци од НОБ од Охрид и Дебрца, Љубиша Маршановиќ, по што се одржа културно- уметничка програма  во која настапија  младите охриѓанчиња згрижени во детската градинка „Јасна Ристеска“ и учесници од детскиот фестивал „Распеано рибарче“.